10.24.2017

Петковден

Лицето веќе и го навасале брчките, кои од смеа, некои од тага. Имаше и такви кои беа белег на мрштење. Ама и тоа е дел од животот, да се намрштиш, да се налутиш. Седеше покрај парното кое и оваа година доцна го вклучуваа. Покриена со волнено ќебе кое порано не можеше да го поднесе, седи и мисли. Мисли, неповрзани, сенилни.




- Првата зимска слава е Петковден!- раскажуваше во мислите
Со неа започнува славењето на светците кои во православниот календарот ги бојат деновите во црвено. Петковден, Св. Никола, Митровден, Василица.... Измеѓу ќе се прослави Нова Година, ќе се спреми Бадник, ќе се седи дома за Божиќ.

-Го славевме Петковден. Такво ни беше презимето. Понекогаш имаше риба, понекогаш месо. Се гледаше дали е посен ден или мрсен. Не ко денес, во ресторан, па кој што сакал.
Спремаа домашните 3-4 дена претходно: салати, кифли, ситни колачи. Па пијалок. Без ракија немало слава. Вино, повеќе црвено, па бело за шприцер. 
Тогаш пиевме газирани сокови.
Трчавме по скалите угоре-удолу. Ќе дојдеа роднини еден куп, со деца еден куп. 
Масите наредени. Тој што прв ќе седнеше, не може да стане ако не ги дигне сите по ред. 
„Добродојдовте, седнете, што ќе пиете? Замезете, нема срамење“ - одекнуваше во еден здив на секој нов гост. Ама па кој да се срами, се наши. Јади, пиј, смеј се. Такви беа славите. Такви се славите.
На слава не се кани. Така велат. Затоа секој е добредојден.

Додека најстарите беа живи имаше ред. Имаше мир. Се славело со сите. Кога староста или болестите ќе ги совладаа, славите почнаа да се со се помалку гости. По некое време не се славеа. 
А убави беа, весели. Ние деца, едвај чекав да дојде Петковден. Ќе јадеме димена скуша и ослич и ќе пиеме Газоза. 
Завршуваа со ловџиски приказни, со најголемите фатени риби, со малку црн хумор. Не се занимаваа со државата и политиката ко денес. Може ни било арно, не знам, не памтам.
Го потегна боцкавото волнено ќебе кое веќе не ја боцкаше и избегаа мислите. Замижа. Мислеше дојде сонот, кога пак пред неа старите скали и огромната железна врата, одвнатре обложена со сунѓер и кафеава имитација на кожа. Скалите шарени, нагоре водеа до кујната и дневната во која беа собрани гостите, надолу во подрумот. Таму играа криенка со децата.
- Не ми текнува на сите. На некои. Ги немам видено со години, децении. А крв. Од едни предци. Еееее, живот. Да ги прашаш зашто не се гледавме ниту си викавме „Добар ден“.... Се почитуваше дедото, таткото. Не смееше да се караат. Како браќа да не зборат. А денес, денес за партија очи ќе си извадат. За парче земја внуци не си гледаат. Умреа, се запусте се. Не дека љубов имаше толку многу, ама кавги немаше. Мир. Ред. Поќути, сврти се, замижи, помирно живеј. Барем така личеше.
 Си мислеше, си мислеше така замижана и заспа. Почна да сонува. Ја сонуваше последната слава на која се сеќаваше. Не беше така среќно, ниту идеално ко што си мислеше пред малку. Сега ги виде убаво сите, иако на сон. Црн здив лошотија им излагаше на многумина од нив. Затоа не си викале добар ден со години. 
Крвавите очи, заматениот поглед од многу ракија им ја отсликуваше алчноста. Затоа браќата внуците не си ги знаеле. Да, додека преците беа живи, имаше ред, имаше мир. Но лажен. Пријателите од кои имаше многу ни на погреб што не дојдоа да ги испратат тие со кои славеа, сега виде зашто ги заборавила дека постојат. 
-Кога станавме толку лоши? Како се испоганивме? Од иста лажица хранети, денес очи не си гледаат
Ги отвори очите, дремнала. Се уште во бунило, не знаеше каде и кое време е. Го пипна парното. Се уште не е време за спиење, парното беше топло. Го гаснеа сеа подоцна, можеше да си поседи.
- Еееее, маслинки со праз, макало од компир со везени пиперки, првите сарми тогаш ги јадевме. А на одење, ќе ги испратевме гостите до врата и ќе им посакавме да дојдат догодина пак, побројни. И тогаш ќе го поздравевме првото снеже. На Петковден секогаш паѓаше првиот снег. Ќе легневме радосни, чекајќи го утрото, мислејќи снегот ќе ги обели и улиците и образите!


Сите права на соджината вклучувајќи ги авторските права се задржани од Елена Петковска, автор на блогот Моја мисла, мое право. Со самото пристапување на овој блог се согласувате дека содржината ќе ја користите само за лични и некомерцијални потреби. Не е дозволено копирање, дистрибуција, продавање, јавно прикажување и адаптирање било која содржина доколку не е регулирана со претходен договор на 
Без дозвола може да се превземе текст само доколку е поставен линк од оргиналната содржина.



No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));