6.17.2012

Сама

Постојат моменти кога земјината тежа е посилна и од нејзината  волја. Таа невидлива сила ја има моќта врз оптимизмот. Не секогаш, но сега се  чуствува поразена од физиката.
Сака ведрина околу себе, но  кога е потиштена бега од неа. Се смее само затоа што тоа ги задоволува сенките. Весела е за да не и ја видат слабоста духовите. Радоста ја глуми кога злите очи ја гледаат.

Единствено е искрена во празната соба. Нема лаги кога се гледа во огледалото.
Тогаш е задоволна со својата тага. Тоа се миговите кога смее да ги пушти врелите, телесни капки да го најдат својот пат до мирното езерото. Да ја ослободи косата да падне врз наведнатото чело, да и` ги покрие усните кои се уморни од давање одговори.
Ги сака тие моменти на самотија. Не се воздржува да го каже на глас се она што го мисли иако нема кој да ја слушне.
И онака никој не сака да се соочи со звукот на  вистината.
Понекогаш ги гледа цвеќињата кои самата ги посеа и одгледа. Ќе им се воодушевува со отсутен поглед кој размислува за сите нијанси кои ги носи прашливата земја.
Ужива во својата самотија. Ја сака патетиката- и таа е нејзина.
Си ги пушта мислите на прошетка во небесната фантазија. Ја затвора  тешката, дрвена врата која ја носи вревата. Дозволува да влезе само ветрот кој го носи одговорот запечатен со врел восок. Како црната врана која за време на војните ги носела сите тајни стратегии на непријателите.
Тоа е она што е потрбно во тие часови кога плаче срцето. Кога се грчи телото од болка која ја носи дури и крвта. Кога замрзнуваат вените од, понекогаш и непотребен, страв.
Самотија... Сама... Но никогаш осамена!
Не се важни туѓите, рамнодушни и лесни утехи.
Тогаш ниту оние кои ги сака и обожува не можат да ја победат тагата која и ги стиска дланките.
Затоа немо бара да ја остават, баш во оној момент, кога мислат дека и е потрeбна  нивната помош.
„Не мислете, не зборувајте, не делувајте“ - тоа само го помислува и им се насмевнува потврдувајќи дека се во право.
Таа трага по тајната, не и треба реторика.
Затоа сака сама да влезе во собата и да го вдиши испарувањето  од белите, варосани ѕидови.
Сама со цвеќињата во градината.
Сама да седи на ивицата од црвената карпа која ја створила историјата. Да погледне далеку, преку недостижното и да го види невозможното.
Една секунда од универзумот е доволна да го пронајде она што и е потребно.
Дипломатија со немирот.
Убава е и самотијата. Сам со себе во пештерата која секогаш има таен излез кон отвореното море.
А таа.... таа секогаш стигнува до него, порано или подоцна.







No comments:

fjs.parentNode.insertBefore(js, fjs); }(document, 'script', 'facebook-jssdk'));